Електронско јавно наддавање за закуп на државно земјоделско земјиште

30

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе почне со електронско јавно наддавање за давање под закуп земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 10 хектари, најави денеска заменик – министерот Ванчо Костадиновски.

Првично, како што рече тој, ќе бидат објавени над 6.000 хектари земјоделско земјиште во повеќе општини во земјава.

“Со измените на Законот за земјоделско земјиште кои се донесоа неделава и со кои се предвидува електронско јавно наддавање за земјоделски површини од над 10 хектари, очекуваме да се зголеми конкуренцијата и транспарентноста на постапката што ќе овозможи постигнување поголема цена на закупнината“, рече Костадиновски, кој додаде дека сите апликанти, правни или физички лица, кои ќе се решат да учествуваат на постапката ќе треба да докажат пред нејзиниот почеток дека им се намирени сите придонеси.

Сите заинтересирани за јавното наддавање ќе треба претходно да се јават во Министерството каде ќе им биде доделено корисничко име и шифра за учество на наддавањето.

“Постапката ќе се смета за успешна доколку на неа има најмалку еден учесник кој наддал над почетната цена по хектар, а јавното наддавање нема да може да трае пократко од 15 минути. Доколку предмет на јавен оглас е блок со природни граници формиран од повеќе катастарски парцели со различна катастарска класа, ќе се утврдува просечна почетна цена по хектар“, рече Костадиновски.