ЕЛЕМ се подготвува за приватизација

52

Компанијата објави меѓународен јавен оглас за избор на консултант кој ќе дава услуги во процесот на докапитализација на АД Електрани на Македонија, во државна сопственост – Скопје. Во тендерот стои дека заинтересираните понудувачи можат да ја подигнат тендерската документација во просториите на ЕЛЕМ со приложување на доказ за уплатен износ од 100 евра. Крајниот рок за доставување на понудите е 30 октомври годинава.

Неофицајлно не станува збор за избор на консултант кој ќе прави проценка на вредноста на компанијата, туку за избор на консултанстка куќа која ќе понуди конкретен модел за докапитализација на компанијата, а ќе ја анимира и јавноста и инвеститорите околу приватизацијата.

Вчера и Министерот за економија Ваљон Сарачини не сакаше да соопшти како ќе се врши докапитализацијата на ЕЛЕМ.

Познато е дека оваа проценка од есента 2010 година ја изработува консултантската куќа КПМГ преку анализа на вредноста на недвижностите, постројките и целата опрема во сите подружници на ЕЛЕМ низ Македонија. Последното детално скенирање на имотот на ЕЛЕМ, односно на поранешното ЕСМ, беше во 2004 година, пред неговата поделба на ЕСМ, ЕЛЕМ и МЕПСО. Тогаш целата компанија беше проценета на околу 700 милиони евра од кои најголемиот дел отпаѓаше на производството на струја, односно на Електрани.

Во последниот број пак, неделникот Граѓански пишува дека консултантската куќа КПМГ веќе ја направила проценката, но дека документот се држи во тајност. Според нивни неофицијални информации, вредноста на ЕЛЕМ е проценета на 640 милиони евра.

Според досегашните изјави на владини претставници, како и на ЕЛЕМ, докапитализацијата треба да значи влез на странскиот инвеститор кој ќе биде обврзан да го зголеми капиталот на компанијата преку нови инвестиции. Но, неофицијално се очекува конуслтантската куќа која ќе биде избрана на меѓународниот оглас кој е во тек, да понуди модел дали приватизацијата ќе се одвива преку издавање акции, преку доизградба на нови капацитети, или директно ќе се плати уделот што ќе биде купен.

Досега за приватизација на ЕЛЕМ најголем интерес покажа катарската  компанија Катар електрисити, но според последните брифинзи од Владата, многу е тешко сега да се каже дали Катарците би инвестирале во ЕЛЕМ.

„Тој процес ќе потрае. Сепак, станува збор за капитална инвестиција и потребна е поголема процедура и подетални анализи од двете страни. Уште не се знае ниту реалната вредност на ЕЛЕМ затоа што не е завршена процената, по што треба да се распише меѓународен тендер. На катарските компании засега им е единствено познато колку чинат тековните проекти на ХЕЦ ’Бошков мост’ , ’Света Петка’, ’Луково поле’, ветропаркот кај Богданци и слично, а со кои беа запознати при нивната последна посета. А, за вредноста на другите објекти на ЕЛЕМ добија само општи информации“, изјавија владини извори по разговорите со Катарците.

По Телеком, Рафинерија и ЕСМ, ЕЛЕМ е последната капитална државна компанија што остана за продажба. Не само оваа Влада, туку и претходната на СДСМ ја имаше истата идеја за продажба на дел од капиталот на Електрани на странски инвеститор уште во фазата на приватизација на некогашното ЕСМ. И лани на изборите двете најголеми партии, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ, во економскиот дел од своите програми се залагаа за докапитализација на 49% од ЕЛЕМ.