Врнежите кои последниве неколку недели во континуитет ја зафатија Македонија, поволно влијаат врз хидролошката состојба на Охридското Езеро, како и на вештачките акумулации што се користат за производство на електрична енергија и не постои опасност од поплави, информираат од АД ЕЛЕМ.
“Со оглед на сушната зима и отсуството на врнежи од дожд и снег, априлските дождови го подобрија водостојот на акумулациите и во нив има доволно простор за прифаќање на дотоците од новите врнежи. Во тој контекст, не постои каква било опасност од преливање на водите или од поплавување на земјиште во реоните околу вештачките езера“, велат од ЕЛЕМ.
Охридското Езеро во моментов е на кота 693,46 метри или на 29 сантиметри од максимално утврдената кота и во наредниот период не се очекува поголем пораст на неговото ниво. Мавровската акумулација пак е со исполнетост од 55,1% и има доволно простор да прифати нови дотоци. Истото се однесува на акумулациите Шпилје, Глобочица, Тиквеш и Козјак кои се исполнети меѓу 47% и 65% од својот расположлив капацитет.