Најголемите централноевропски енергетски компании отворено ѝ пишаа на шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, да се обиде да го продолжи транзитниот договор за пренесување руски гас низ Украина, со што се препознава очајнички обид од регионот на ЕУ да си обезбеди континуирано снабдување од Москва. Оваа речиси неверојатна вест ја пренесуваат повеќе светски медиуми.
Во писмото испратено до претседателката на Европската комисија, фирмите за снабдување со гас, мрежните оператори и индустриските потрошувачи од Унгарија, Словачка, Австрија и од Италија велат дека крајот на договорот може да го „комплицира снабдувањето со гас“ и „да резултира со повисоки цени на гасот за европските потрошувачи“.
Словачка и Унгарија со месеци се обидуваат да го обноват договорот потпишан меѓу Киев и Москва во 2019 година, кој овозможува премин на гасот преку Украина до Европа. Двете држави тврдат дека крајот на договорот за снабдувањето може да ги зголеми цените на енергијата. СПП, државниот снабдувач со енергија на Словачка, кој го потпиша писмото, предупреди дека прекинот ќе ја чини земјата „повеќе од 220 милиони евра“ за да ги замени изгубените резерви.
Извршната власт на ЕУ, наспроти апелите, постојано повторува дека блокот нема да се соочи со сериозни последици доколку прекине протокот на гас и ја отфрли можноста да помогне во преговорите за продолжување на договорот.
Првична верзија на писмото, во која имаше увид европското издание на „Политико“, вклучуваше и спомнување на чешки, германски и украински енергетски компании, кои не се појавија во конечната верзија. Во таа верзија, молдавскиот државен снабдувач со гас „Молдовагаз“ ја потпиша и декларацијата, но тој потпис исто така недостига во објавеното писмо, тврди „Политико“.