Норвешката компанија „Еквинор“ и британската мултинационална компанија „Шел“ најавија дека ќе основаат заедничка компанија која ќе ги комбинира нивните активности за екстракција на нафта и гас во Северното Море.
Новата компанија, со 1.300 вработени, ќе биде со седиште во Абердин, Шкотска и ќе биде најголемиот производител на нафта и гас во Северното Море. Се очекува следната година да произведува повеќе од 140.000 барели нафта еквивалент дневно.
Компанијата ќе биде подеднакво во заедничка сопственост на Shell и Equinor, според Хина. Трансакцијата сè уште треба да биде одобрена од регулаторите, а се очекува да биде затворена до крајот на 2025 година.
Договорот нема да доведе до губење работни места, рече Шел, додавајќи дека може да го продолжи животот на бизнисите со нафта и гас во Велика Британија.
Еквинор вработува околу 300 работници во операциите за нафта и гас во Велика Британија, а Шел околу илјада.
Директорката на интегрираниот бизнис за гас и производство на Шел, Зое Јујнович, рече дека сите работници кои најчесто биле ангажирани на постројките на Шел и Еквинор во Северното Море, како што се нафтените платформи, ќе се префрлат во новата компанија.
„Од гледна точка на вработениот, мислам дека тоа потенцијално за нив значи и поширок избор на работни места, но и континуитет на работа во новата компанија“, додаде Јујнович.
Британското производство на нафта и гас се намалува веќе неколку децении, бидејќи наоѓалиштата полека се исцрпуваат. Затоа, компаниите како Шел го префрлија својот фокус на поатрактивни полиња во другите делови на светот.
Фото: Pixabay