Ердоган разговараше со Маск за инвестициите во Турција, му подари четири книги

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган вчера изјави дека со сопственикот на SpaceX и Tesla, Илон Маск, разговарал за инвестиции во Турција и за заедничко истражување на вселената.

„Разговарав со Маск за прашањата за инвестирање на Тесла во Турција и преземање заеднички чекори во истражувањето на вселената. Го поканив на Технофест во Измир. Тој рече дека веројатно ќе дојде“, изјави Ердоган на новинарите на маргините на седницата на Генералното собрание на ОН во Њујорк, пренесува турскиот ТВ канал ТРТ.

Тој истакна дека Маск е запознаен со турските дронови и ги смета за успешни.

„Маск е свесен за успехот што нашата земја го постигна на полето на технологијата во последните години. Ова ќе биде поттик за него да иницира инвестиции во Турција. Не само Маск, целиот свет сега ги цени нашите достигнувања на ова поле“, рече Ердоган.

На прашањето на новинарите за неговите книги што му ги подарил на Маск, турскиот претседател рече дека на американскиот милијардер му подарил четири книги, меѓу кои „Поправеден свет е можен“ и „Реформа на ОН: нов пристап кон меѓународната соработка“.

Тој објасни дека во книгата „Поправеден свет е можен“ почетна точка е филозофијата „Светот е поголем од пет“, што укажува на фактот дека не е фер судбината на човештвото да се остави на милост и немилост на само петмина-земји во области кои ќе влијаат на иднината на светот.

Како што додаде, книгата „Реформа на ОН: нов пристап кон меѓународната соработка“ ја објасни потребната реформа на ОН во светлината на конкретни причини и предлози.

„Сигурен сум дека меѓународната заедница ќе ја разбере вредноста на секое набљудување и предлог што го дадов во тие книги“, рече Ердоган, пренесе Танјуг.