ЕЦБ: Европа ќе се соочи со повисоки стапки на инфлација

76

Се очекува Европа да има помал економски раст и повисока инфлација поради војната на Русија против Украина, која е во осмата недела, се наведува во студијата објавена од Европската централна банка (ЕЦБ).

Испитаниците ги ревидираа своите очекувања за инфлација на 6,0 отсто и 2,4 отсто за 2022 и 2023 година, соодветно, според Анкетата на професионалните прогнозери на ЕЦБ за вториот квартал од 2022 година, пренесе Анадолија.

Претходните проценки за инфлацијата беа 3,0 отсто за годинава и 1,8 отсто за следната година.

Прогнозите за економски раст се намалени на 2,9 отсто за 2022 година и 2,3 отсто за 2023 година.

Претходните очекувања беа 4,2 отсто, односно 2,7 отсто.

„Војната во Украина е главен фактор зад ревизијата на макроекономските прогнози“, се вели во соопштението на ЕЦБ.

Според испитаниците, овие ревизии главно ги одразуваат индиректните ефекти од повисоките цени на енергијата и храната и ефектите од прекините на синџирот на снабдување.