ЕЦБ ги предупреди европските банки на ризикот од водење бизнис со Русија

73

Европската централна банка (ЕЦБ) ги предупреди кредиторите да се подготват за воведување меѓународни санкции против Русија доколку Москва изврши воен напад врз Украина.

Предупредувањето на ЕЦБ, која ги надгледува 115-те најголеми банки во еврозоната, дојде откако САД се заканија дека Русија ќе се соочи со „големи последици“ доколку испрати војници во Украина, пишува ФТ.

Санкциите, според ЕЦБ, значително ќе ги зголемат ризиците за меѓународните банки, вклучувајќи ги француската Сосиете Женерал, австриската Рајфајзен и италијанската Уникредит банка.

Претставници на ЕЦБ побараа детали за тоа како банките ќе постапуваат во различни сценарија, како што е можноста за блокирање на пристапот на руските банки до меѓународниот платен систем SWIFT. Во барањата се нагласува дека ЕЦБ сака да обезбеди европските банки да можат да применат каков било режим на санкции и брзо да ги блокираат клиентите со кои им е забрането да соработуваат.

Централната банка ги истражуваше ризиците од различни можности и вршеше притисок врз банките да ги споделат деталите за сопствените проценки и плановите за вонредни ситуации, според извори запознаени со деталите. Наведените банки не сакаа да ја коментираат оваа информација.

Меѓународните банки, вклучително и нивните руски филијали, имаат околу 121 милијарда долари средства што им ги должат субјекти со седиште во Русија, а има 128 милијарди долари заеми и депозити од руски субјекти во странски банки.

Директорот на една од банките рече дека главниот ризик од санкции за руското инвестициско банкарско работење е за оние кои работат со големи инвестициски компании и олигарси, а не за комерцијални банкарски единици, кои главно се занимаваат со средни компании и население.