ЕЦБ: Инфлацијата ќе биде многу повисока од очекуваното

177

Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголеми проекциите за инфлацијата во еврозоната.

ЕЦБ сега проценува дека инфлацијата годинава ќе биде повеќе од двојно повисока од годинешниот таргет од два отсто и ќе остане над тоа ниво и в година, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, на прес-конференција.

За оваа година, Банката проценува дека во просек ќе изнесува 5,1 отсто, што е значително повеќе од проектираните 3,2 отсто на декемвриската седница. Во 2023 година би требало да падне на 2,1 отсто и да биде за 0,3-процентни поени повисока од прогнозата во декември.

За 2024 година, проектираната стапка на инфлација е зголемена 0,1-процентен поен, на 1,9 отсто.

„Руско-украинската војна значително ќе влијае на економската активност и инфлацијата преку повисоки цени на енергијата и стоките, нарушување на меѓународната трговија и послаба доверба“, предупреди Лагард.

Степенот на тоа влијание ќе зависи од развојот на конфликтот, влијанието на сегашните санкции и можните дополнителни мерки, додаде таа.

Управниот совет на ЕЦБ, сепак, верува дека има сѐ поголеми шанси инфлацијата да се стабилизира на целта од два процента на среден рок.

Банката вчера ја намали прогнозата за растот на економијата на еврозоната оваа година за половина процентен поен, на 3,7 отсто. Прогнозата за в година е намалена 0,1-процентен поен, на 2,8 отсто, а за 2024 година е потврдена на 1,6 отсто.

Повторија дека на крајот на март ќе ја прекинат програмата за откуп на обврзници за пандемиската криза во вкупна вредност од 1,850 милијарда евра.

Тие исто така навестија дека би можеле да го забрзаат исклучувањето на редовната програма за купување обврзници (АПП), која ја формираа за да ја поддржат економијата и да ја поттикнат инфлацијата по должничката криза пред повеќе од една деценија.

Руската инвазија на Украина е пресвртница за Европа, рече шефицата на ЕЦБ, додавајќи дека Банката ќе обезбеди поволни услови за ликвидност и ќе ги спроведе санкциите договорени од Европската Унија и европските влади.

Повторија дека се подготвени да ги приспособат сите инструменти доколку е потребно за да се стабилизира инфлацијата на целното ниво од два отсто на среден рок.