ЕЦБ: Мора да престанеме да ги субвенционираме комерцијалните банки

46

Европската централна банка (ЕЦБ) мора да престане да ги субвенционира комерцијалните банки со плаќање високи каматни стапки на депонираните пари што им ги позајми по ниска цена, изјави гувернерот на австриската централна банка и член на управниот совет на ЕЦБ, Роберт Холцман.

„Во монетарната политика нема аргументи кои би ги оправдале ваквите субвенции. Неприфатливо е сегашната структура да создава огромен товар врз финансиските резултати на централните банки. Не можеме да бележиме загуби без да ни се гледа крајот, тоа е едноставно неприфатливо“, рече Холцман.

Во периодот на евтини пари, комерцијалните банки акумулирале вишок ликвидност од дури 3,2 милијарди евра, кои ги депонирале на сметките во ЕЦБ и сега таа носи камата по стапка од четири отсто, пренесува Хина. ЕЦБ и централните банки на еврозоната имаат акумулирано загуби кои се мерат во милијарди евра.

Австрискиот гувернер вели дека нема да се откаже од барањето за намалување на плаќањата кон деловните банки.

„Таа дискусија дефинитивно не е завршена за мене“, рече Холцман, тврдејќи дека ЕЦБ не треба да плаќа камата за пет до десет проценти од депозитите на комерцијалните банки.

Така, според мене, би можеле да вратиме дел од парите“, истакна Холцман.

Потсетуваме дека до летото 2022 година, ЕЦБ печатеше пари, купувајќи државни и корпоративни обврзници со цел да ги намали трошоците за кредити и да ја стимулира економската активност и инфлацијата во еврозоната. Во периодот на негативни каматни стапки, трошоците за ваквата монетарна политика беа мали.

Во јули 2022 година, централната монетарна институција на еврозоната почна да ги зголемува каматните стапки за да ја ограничи инфлацијата, поттикната од зголемените цени на енергијата и храната. До септември лани ги покачија за цели 4,5 процентни поени што им донесе огромни трошоци и загуба во 2023 година.

Одредени централни банки во еврозоната предупредија дека не очекуваат позитивен резултат ниту оваа година, а можеби ниту во 2025 година.

Делумно поради ова, ЕЦБ одлучи дека нема да плаќа камата на комерцијалните банки за еден процент од депонираните пари.

Некои функционери, вклучително и претседателот на германската централна банка, Јоаким Нагел, се заложија за поголем удел, но не добија поддршка. Минатата година Бундесбанк забележа нето загуба од 13,9 милијарди евра во ставката камата.