
Европската истрага за кинеските јавни субвенции за електрични автомобили може да доведе до значително зголемување на царините за тие автомобили во ЕУ, изјави во неделата европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон.
„Генерално, ако погледнеме што се случува, тоа (кинеските субвенции) доведуваат до зголемување на тарифите од 10 до 20 отсто“, изјави тој за францускиот телевизиски канал LCI.
Тиери Бретон, сепак, остана внимателен во врска со исходот на постапката.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во средата најави отворање на истрага за кинеските јавни субвенции за електрични автомобили, за да се заштити европската индустрија од, како што гледа, „вештачки ниски“ цени.
Доколку на крајот од истрагата Комисијата утврди прекршување на трговските правила, би можела да воведе казнени тарифи за кинеските возила, ризикувајќи „трговска војна“ со Пекинг.
„Денес во ЕУ има царина од 10 отсто за електричните возила што доаѓаат од Кина, а во САД таа е 27,5 отсто“, посочи Бретон.
За време на истрагата, ЕУ ќе ги разгледа „директните или индиректните субвенции“ што ги добиваат производителите во Кина, рече тој.
„Ќе има и разговори со кинеските власти, со производителите на автомобили“, најави Бретон, додавајќи дека тоа ќе важи за „сите автомобили произведени во Кина, без разлика на брендот“.
Експертите проценуваат дека ценовната предност на кинеските возила во однос на оние што се произведуваат во Европа е околу 20 проценти, пренесува СееБиз.
Но, таму каде што Брисел се сомнева дека има погрешно постапување, Пекинг едноставно верува дека ги жнее плодовите од својата инвестиција.
Според Кина, европскиот пристап е „отворен протекционизам“ и „негативно ќе влијае на економските и трговските односи меѓу Кина и Европската унија“.
Кина долго време развива мотори за електрични автомобили и го презеде водството пред Европа, особено во технологиите за батерии.
Нејзините производители се потпираат на нивниот огромен домашен пазар за сега да се преселат во странство во големите богати економии од кои имаат корист.
ЕУ може да биде „закачена“ на кинеските батерии како што беше на руската енергија
До 2030 година, Европската унија би можела да стане зависна од Кина за литиум-јонски батерии и горивни ќелии како што беше зависна од Русија за енергија пред војната во Украина, освен ако не преземе силни мерки, се вели во документот подготвен за лидерите на ЕУ.