Советот на Европската унија во вторникот ја одобри писмената постапка за ребаланс на буџетот на ЕУ за 2020 година, со што се ослободени дополнителни средства за соочување со борбата против корона кризата.
“Ревидираниот буџет на ЕУ за 2020 година ги ослободува клучните средства за решавање на досега незабележани предизвици со кои се соочуваат ЕУ и нејзините земји членки. Нашиот прв приоритет е помош на здравствените системи на земјите членки во соочување со пандемијата. Парите ќе бидат искористени за финансирање на медицински материјали за изградба на теренски болници и пренесување на пациенти за лекување во други земји членки“, изјави хрватскиот министер за финансии, Здравко Мариќ, кој претседава со Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ.
Советот на ЕУ прифатил два амандмани на буџетот, со што тој се зголемил за 3,57 милијарди евра во обврски, а 1,6 милијарди евра во плаќања.
Најголемиот дел од тоа, 2,7 милијарди се наменети за итна медицинска помош, како што се складирање и распределување на клучни ресурси, теренски болници и транспорт на прекугранични пациенти.
Дел од средствата се наменети за Грција, која се соочува со зголемен мигрантски притисок и за помош на Албанија за обнова по земјотресот.
Фото:Pixabay