ЕУ и енергентите: Каква е ситуацијата сега?

Во првата половина на 2024 година, Европската унија произведе половина од вкупната количина електрична енергија од обновливи извори, се вели во годишниот извештај за енергија.

Учеството на рускиот гас во увозот на Европската унија падна од 45 отсто во 2021 година на 18 отсто до јуни 2024 година, додека увозот на гас од Норвешка и Соединетите Американски Држави се зголеми во исто време.

Побарувачката на гас од Европската унија е намалена за 138 милијарди кубни метри помеѓу август 2022 година и мај 2024 година, се додава во извештајот.

Пополнувањето на европските складишта за гас пред претстојната зима достигна 90 проценти веќе на 19 август, многу пред крајниот рок од 1 ноември.

Авторите на извештајот наведуваат дека цените на енергијата сега се постабилни и далеку под високите вредности забележани на врвот на енергетската криза во 2022 година.

Емисиите на стакленички гасови во Европската унија се намалија за 32,5 отсто од 1990 до 2022 година, додека економијата на ЕУ порасна за околу 67 отсто во истиот период.

Како што се наведува, потрошувачката на примарна енергија во Европската унија во 2022 година паднала за 4,1 отсто, но неопходно е да се зајакнат напорите за уште поголема енергетска ефикасност со цел ЕУ да ја исполни целта за намалување на потрошувачката на финална енергија за 11,7 отсто до 2030 година.

Извештајот потсетува дека сите земји-членки мора да ги поднесат своите конечни ажурирани национални енергетски и климатски планови што е можно поскоро за да обезбедат заедничко постигнување на енергетските и климатските цели до 2030 година, се додава на веб-страницата на Европската комисија.