Европската комисија додели договори за продолжување со бавните планови за изградба на европска мрежа на сателити вредна 10,6 милијарди евра за да се одговори на предизвикот на Starlink на Илон Маск и другите брзорастечки интернет мрежи.
Тој систем од повеќе од 280 мрежни сателити, познат како IRIS 2, ќе овозможи шифрирана комуникација меѓу владите и јавните институции во Европската унија (ЕУ) и ќе развие нови комерцијални услуги.
„Во геополитички сè покомплексен свет, од клучно значење е да се обезбеди издржливост, безбедност и брзина во комуникацијата на владите“, рече генералниот директор на Европската вселенска агенција Јозеф Ашбахер, додавајќи дека проектот ќе ја зголеми европската конкурентност и ќе создаде нови работни места.
Ова е трета голема иницијатива на ЕУ во вселената по навигацискиот систем Галилео и мрежата за следење на климатските промени Коперник.
IRIS 2 беше проследен со загриженост од некои земји за трошоците, на пример Германија, и разлики околу поделбата на индустрискиот дел од работата. Но, европските претставници истакнуваат дека Starlink на Маск ги забрза напорите за постигнување на таканаречениот европски дигитален суверенитет.
Работата на проектот ја води конзорциум од три сателитски оператори, Eutelsat, Hispasat и SES. Првото лансирање е закажано за средината на 2029 година, а целосната работа до крајот на 2030 година.
Европските производители на сателити се борат да се натпреваруваат со Starlink, развиен од SpaceX, кој сочинува околу две третини од сателитите во орбитата. Тие се соочуваат и со пад на побарувачката за големи комерцијални сателити.
Фото: Pixabay