ЕУ подготвува глоби до шест проценти од глобалниот промет: Нови правила за интернет-трговијата и рекламирањето

Компаниите во Европската Унија (ЕУ) прогласени за виновни за нефер практики во дигиталната трговија за зголемување на продажбата или ако насочат персонализирано рекламирање кон децата како целна група, ризикуваат казни до шест проценти од глобалниот годишен промет.

Оваа недела, европскиот комесар за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите, Мајкл Мекграт, ќе ги презентира специфичните детали од законот за дигитална правда.

Откако Европската комисија ќе ги презентира деталите од законот, тој ќе мора да помине низ вообичаената фаза на координација меѓу земјите-членки и Европскиот парламент пред да стапи во сила.

Законот за дигитална праведност е најновиот обид на ЕУ да ги принуди големите технолошки компании, познати како Big Tech, играчите во е-трговијата и сопствениците на социјалните мрежи да сторат повеќе за контрола на содржината на нивните платформи.

Законот ќе забрани употреба на измамнички или манипулативни дизајни на веб-страници или апликации што ги насочуваат луѓето да трошат повеќе. Тоа ќе се оценува како нефер комерцијална практика.

Идејата на Европската комисија е да се забранат персонализирани реклами за деца или ранливи потрошувачи.

Понатаму, компаниите што користат динамично одредување цени, односно каде што цените варираат во реално време во зависност од моменталната побарувачка, практика што е критикувана од значителен број потрошувачи, ќе треба да бидат потранспарентни во откривањето на бројот на производи што се достапни по рекламираната цена.

Нацрт-законот, исто така, содржи одредба според која трговците ќе мора да им обезбедат на корисниците на дигиталните платформи можност да ги исклучат функциите што поттикнуваат зависност, т.е. компулсивно или прекумерно користење.

Непрофитната асоцијација „Фајненс воч“, која се занимава со заштита на јавниот интерес во финансиските услуги, тврди дека законскиот предлог не оди доволно далеку во заштитата на потрошувачите кога станува збор за онлајн инвестирање, според „Ројтерс“.

„Предлозите за погрешни шеми во дизајнот на корисничкиот интерфејс одат во вистинската насока, но не се доволно амбициозни за да ги заштитат потрошувачите во сегментот на финансиски услуги“, рече вишиот истражувач во „Фајненшл воч“, Питер Норвуд.

За да се утврди износот на казните во областа опфатена со други закони, како што се оние за конкуренција на пазарот или за дигитални услуги, Европската комисија наведува дека користи објективни критериуми, а тие се однесуваат на сериозноста и времетраењето на прекршокот, олеснителните околности и прагот што ја одржува казната под одреден процент од приходот, што се стреми да обезбеди казните да останат пропорционални на околностите.