ЕУ покренува постапка против 10 земји поради кршење на правата на патниците

118

Европската комисија во четвртокот објави дека ќе покрене правни постапки против десет земји членки кои ги кршат правата на патниците, пренесува euractiv.com.

Патниците во ЕУ имаат право на поврат на пари во случај на откажани патувања и аранжмани, кои се сè повеќе поради пандемијата и тие пари би требало да им се вратат најдоцна две недели по барањето.

Според Комисијата, законодавството во Хрватска, Чешка, Кипар, Грција, Франција, Италија, Литванија, Полска, Португалија и Словачка го крши ова правило на Европската Унија.

Комисијата заклучила дека властите на овие земји и понатаму им дозволуваат на агенциите да им нудат на патниците само избор на ваучер за патувања или им се потребни повеќе од 14 дена за да ги вратат парите.

Тоа е во спротивност со правилата на Европската унија со кои се регулираат правата на патниците и потрошувачите.

Овие десет земји сега имаат два месеци да одговорат и да го убедат Брисел дека се исправени сите прекршувања.

Доколку Комисијата потоа пронајде недостатоци, би можела да даде образложено мислење, што е следниот чекор пред можната судска постапка.

Белгија, Бугарија, Кипар, Чешка, Франција, Грција, Ирска, Латвија, Малта, Холандија, Полска и Португалија побараа од Комисијата да ја укине регулативата за да им се овозможи на туристичките агенции да нудат само ваучери како главен облик на поврат на пари.

Сепак, Комисијата го одби ова барање и ги советуваше агенциите да ја направат опцијата ваучер што попривлечна за патниците.

Фото: Pixabay