ЕУ усвои нови санкции против Русија – што сè опфаќа?

126

Утрово Европската унија и официјално го договори четвртиот пакет санкции против Русија. Новиот круг санкции, кој денеска стапува во сила, предвидува рестрикции за голем број олигарси, забрана на продажба на луксузни стоки кои се извезуваат во Москва и ќе погоди неколку одбранбени компании.

Амбасадорите на ЕУ вчера се согласија за четвртиот пакет санкции по руската инвазија на Украина пред три недели. Санкциите ќе бидат формално воведени откако ќе бидат објавени во Службен весник на ЕУ, во текот на денот.

Француското претседателство на Советот на ЕУ соопшти дека трговскиот статус на Русија како „најповластена нација” во Светската трговска организација (СТО), исто така, ќе биде отповикан. Покрај тоа што е симболичен потег, ова може да ја отвори вратата за дополнителни ограничувања преку царински давачки и увозни квоти.

– Новиот пакет европски санкции против Русија ќе погоди повеќе од 600 Руси, соопшти денеска францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер пред почетокот на состанокот на министрите за финансии на 27 земји од ЕУ во Брисел, пренесува ТАСС.

– Усвоен е нов пакет санкции кој ќе влијае на повеќе од 600 Руси, рече Ле Мер. Министерот одби да даде какви било имиња на руски државјани вклучени во оваа листа. – Значаен дел од рускиот финансиски систем падна под санкции, рече шефот на француското министерство.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно рече дека ЕУ работи на суспендирање на правата за членство на Русија на водечките мултилатерални институции, вклучително и Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Ова ќе и овозможи на Унијата да забрани или да воведе казнени царини за руски стоки, слично на она што се прави со Северна Кореја или Иран.

Пакетот, исто така, ќе го додаде сопственикот на фудбалскиот клуб Челзи, Роман Абрамович и 14 други на списокот на ЕУ на санкционирани руски милијардери, соопштија претходно ЕУ дипломати, пренесува Еуроактив. Абрамович беше ставен под санкции во Велика Британија уште претходната недела, исто како и рускиот индустријалец Олег Дерипаска, кој моментално не е на листата на ЕУ.

Неколку истакнати лилности од руски медиуми под контрола на државата, исто така, се на новата листа на санкции на ЕУ. Дополнително, треба да се додадат девет компании, главно активни во одбранбениот и воениот сектор.

Санкциите вклучуваат и Забрана за увоз на низа производи од челик; Забрана за нови инвестиции во енергетскиот сектор на Русија, со ограничени исклучоци за цивилната нуклеарна енергија и транспортот на одредени енергетски производи назад во ЕУ; Забрана за извоз на луксузни стоки (на пр. луксузни автомобили, накит) од ЕУ: Забрана за oценување на Русија и руските компании од агенциите за кредитен рејтинг на ЕУ и обезбедување услуги за рејтинг на руски клиенти, што би довело до дополнително губење на пристапот до финансиските пазари на ЕУ.

Забраната дојде по разговорите меѓу лидерите на ЕУ во Версај во четвртокот и петокот.

– Како што војната на претседателот (Владимир) Путин против украинскиот народ продолжува, продолжува нашата решеност да ја поддржиме Украина и да го осакатиме финансирањето на воената машинерија на Кремљ. Овој четврти пакет санкции е уште еден голем удар за економската и логистичка база на која Русија се потпира за да ја нападне Украина. Целта на санкциите е претседателот Путин да ја запре оваа нехумана и бесмислена војна, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи.