ЕУ забранува уништување на непродадена облека и обувки

Европската комисија  усвои мерки за спречување на уништување на непродадена облека, додатоци за облека и обувки со цел да се поттикне рециклирањето и да се намали штетата врз животната средина.

„Ова е уште еден чекор во промоцијата на циркуларната економија низ цела ЕУ“, истакнува Комисијата.

Забраната за уништување на непродадена облека и обувки ќе биде задолжителна за големите компании од 19 јули оваа година, а за средните компании од 2030 година.

Покрај тоа, постојните обврски за известување за големите компании за непродадена облека декларирана како отпад ќе бидат проширени на средните компании до 2030 година.

Се проценува дека секоја година во Европа од 4 до 9 проценти од непродадените текстилни производи се уништуваат пред воопшто да се носат. Тој отпад создава околу 5,6 милиони тони емисии на CO2, што е речиси еднакво на вкупните нето емисии на Шведска во 2021 година.

Регулативата за екодизајн за одржливи производи, која стапи на сила во јули 2024 година, има за цел значително да ја подобри одржливоста на производите пласирани на пазарот на ЕУ преку подобрување на нивната циркуларност, енергетски перформанси, рециклирање и издржливост.

Со него се бара од компаниите да објавуваат информации за непродадените потрошувачки производи што ги фрлаат како отпад. Исто така, се воведува забрана за уништување на непродадена облека, додатоци за облека и обувки.