Еуфорија на Волстрит: Индексите скокнаа за 2,5%

На Волстрит, берзанските индекси скокнаа за повеќе од 2,5 проценти во среда, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од договорот меѓу САД и Иран за двонеделно примирје и отворањето на Ормутскиот теснец, што треба да ги стабилизира цените на нафтата.

Индексот Дау Џонс скокна за 2,85 проценти, на 47.909 поени, додека S&P 500 порасна за 2,51 процент, на 6.782 поени, а Nasdaq за 2,80 проценти, на 22.634 поени.

Инвеститорите беа охрабрени од договорот меѓу САД и Иран за прекин на огнот, постигнат само неколку часа пред рокот поставен од американскиот претседател Доналд Трамп.

Благодарение на ова, Иран ги избегна жестоките напади што ги најави Трамп, а за возврат вети дека за време на примирјето ќе дозволи безбеден премин на танкери низ Ормутскиот теснец, кој е клучен за извоз на нафта од Блискиот Исток.

Ова предизвика остар, двоцифрен пад на цените на нафтата, при што тие паднаа под нивото од 100 долари за барел.

Во последните недели, повисоките цени на нафтата имаа негативно влијание врз светските берзи, бидејќи инвеститорите стравуваа дека тоа ќе предизвика зголемување на инфлацијата, што ќе доведе до зголемување на каматните стапки на централните банки и забавување на економскиот раст.

Ормутскиот теснец треба да се отвори во четврток или петок, кога е закажано за почеток на преговори за траен мировен договор во Исламабад од страна на претставниците на САД и Иран.

„Благодарение на примирјето, инвеститорите беа олеснети, па цените на акциите силно скокнаа. Ситуацијата ќе беше многу полоша доколку не беше договорено примирјето. Секако, сè уште има многу работа што треба да се направи, па ситуацијата може повторно да се влоши, но засега пазарот е олеснет“, објаснува Мајк Диксон, директор во Horizon Investments.

Цените на акциите вчера пораснаа во сите сектори, најмногу во туризмот и воздухопловството, кои беа најпогодени откако започна војната меѓу САД и Израел против Иран на 28 февруари.

И на европските берзи, цените на акциите вчера силно пораснаа. Лондонскиот индекс FTSE доби 2,51 процент, на 10.608 поени, додека франкфуртскиот DAX скокна за 5,06 проценти, на 24.080 поени, а парискиот CAC порасна за 4,49 проценти, на 8.263 поени.