Еурокомпозит издава 218.819 обични акции вредни 1,1 милиони евра

51

Комисијата за хартии од вредност одлучи друштвото за производство на производи со посебна намена 11 Октомври – Еурокомпозит АД  Прилеп да издаде 218.819 обични акции во износ од 1.118.821,547 евра.

Акциите од третата емисија се обични и се издаваат по продажна цена од 5,113 евра по акција, што е еднаква на нивната номинална вредност. Емисијата по пат на приватна понуда се врши на тој начин што Република Македонија ги презема акциите од новата емисија, а побарувањата по основ на јавни давачки што државата ги има кон 11 Октомври- Еурокомпозит ги претвора во трајни влогови.

Како што нагласуваат од Комисијата, на овој начин ќе се намали долгот кој компанијата го има кон државата по основ на јавни давачки.

Постапката се спроведува согласно Законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвата АД Органско хемиска индустрија Наум Наумовски-Борче Скопје, Тутунски Комбинат АД Прилеп и Друштво за производство на производи со посебна намена 11 Октомври- Еурокомпозит АД Прилеп.

На барање на Инвестброкер АД Скопје, Комисијата дозволи оваа брокерска куќа да ја прошири дејноста со услугата “инвестициско советување”. Тоа значи дека Инвестброкер, покрај досегашните услуги отсега ќе врши и инвестициско советување. За овие дејности Инвестброкер во секое време мора да поседува основна главнина од 500.000 евра, колку што одржуваше претходно.