Euromax resources ги објави резултатите од студијата за изводливост на проектот Иловица

20

euromax-resources

Euromax resources ja објави Студијата за изводливост (СИ) за наоѓалиштето на злато и бакар во Иловица, Македонија, којшто е во 100% сопственост на компанијата. Студијата за изводливост на проектот за изградба на рудникот за злато и бакар во Иловица покажува попрецизно одредување на трошоците, значајно намалување на капиталните и оперативните трошоци и последователно зголемување на внатрешната стапка на поврат, се вели во соопштението.

Во поглед на финансирањето, Студијата за изводливост покажа нето вредност од 513 милиони американски долари пред оданочување и нето сегашна вредност од 440,1 милиони американски долари по оданочување. Првичните капитални трошоци за проектот, според СИ се проценети на 474,3 милиони американски долари, вклучувајќи ги и непредвидените трошоци. Прилагодените оперативни готовински трошоци се дефинирани од Светскиот совет за злато на 200 долари за унца и вкупни трошоци од 372 долари за унца. Проценките се направени врз основа на предвидувањата за долгорочни цени од 1.220 долари за унца за злато и 2,90 долари/фунта за бакар според консензусот на аналитичарите.

Истовремено, Владата на Република Македонија, согласно регулативите, донесе одлука за доделување Концесија за експлоатација на Euromax resources на локалитетот Иловица општина Босилово и општина Ново Село. Концесијата е доделена на период од 30 години.

Според СИ, вкупно измерените и означени ресурси од 256 милиони тони сулфиден материјал содржат 2,6 милиони унци злато со просечна содржина од 0,32 грами/тон злато и 1.208 милиони фунти (548.000 тони) бакар со просечна содржина од 0,21% бакар. Покрај тоа, според СИ вкупно докажаните и веројатните резерви на минерали изнесуваат 198,1 милиони тони кои содржат 2,01 милиони унци злато со просечна содржина од 0,32 грами/тон злато и 898,9 милиони фунти (408 илјади тони) бакар со просечна содржина од 0,21% бакар.

Животниот век на рудникот според СИ ќе изнесува 20 години, а годишниот капацитет е 10 милиони тони. Просечното годишно наплатливо производство е проценето на 83.000 унци злато и 16.000 тони бакар. Според СИ, просечните искористувања при подготовка изнесуваат 83,3% за златото и 81,3% за бакарот. Процесот се состои од флотација до концентрат на бакар и злато и производство на получисто злато преку круг на лужење на прочистена јаловина и конвенционален површински коп со коефициент на раскривка од 1:1.

На изработката на СИ  работеше стручниот тим на Euromax resources заедно со  стручни компании:  Ејмек Фостер Уилер (Amec Foster Wheeler – AFW) – постројка за подготовка на минерални суровини и инфраструктура и целосна координација на извештајот, Тетра Тек (Tetra Tech) – геологија и ресурси, ДМТ (DMT) – Експлоатација, Голдер Асоушиејтс (Golder Associates) – животна средина, хидројаловиште, во соработка со Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Шламберже Уотер Сервисис (Schlumberger Water Services – SWS) – хидрологија и хидрогеологија, води.

“По една година  интензивна работа на терен и работење со нашите различни партнери во студијата, ние сме среќни што Иловица сé уште се истакнува како стабилен проект. Имавме можност да ги постигнеме сите главни цели на студијата, вклучувајќи подобрувања во класификацијата на минералните ресурси и резерви, подобрување на текот на процесот, проценка на трошоците до +/- 10% и подобрено ниво на проектирање. Капиталните и оперативните трошоци се оптимизирани во новата студија, со што се обезбедува одлична основа за спроведување на проектот“, изјави Пат Форвард, главен оперативен директор на Euromax resources.

Со завршувањето на СИ, компанијата ќе го продолжи развојот кон почеток изградба на проектот Иловица, што е предвидено за третиот квартал од 2016 година.