Еуростандард банка ја промовираше Подарок картичката

26

На пазарот излезе нов производ од Еуростандард банка. Станува збор за Gift Card припејд неперсонализирана платежна картичка, која истовремено е и прва од ваков вид во Македонија.

Gift Card односно Подарок картичката може да се најде во четири дизајнирани варијанти кои потсетуваат на конкретни пригоди, како венчавка, роденден, матурски/дипломски.

Исто така банката промовираше и една повеќенаменска картичка која е со универзален дизајн, соодветен за многу останати свечености и прослави, за честитање новогодишни и божиќни празници, промоции, годишнини, награди за вработени и слично.

Картичката функционира така што купувачот го избира паричниот износ, а крајниот корисник на картичката го одбира подарок што го сака.

“Подарок картичката на Еуростандард банка претставува единствен производ во делот на платежни картички, како за самата банка, така и за сегментот картично работење на пазарот на Република Македонија”, изјави директорот на Центарот за маркетинг и развој на нови производи во банката, Горан Јосифовски.

Подарок картичката може да се набави во било која експозитура на Еуростандард банка. Купувачот ја одбира картичката за соодветната пригода, во вредност од 1.000 до 60.000 денари. Не е потребно отворање на трансакциска сметка,  потпишување договор или регистрирање на каков било начин.

“Подарок на картичката може да се користи во трговија, на ПОС терминали, на сите продажни места, односно АТМ уреди кои се вклучени во мрежата на Касис за поддршка на домашни картички. Клиентот добива можност дел од средствата да ги користи за купување во трговија, а дел да ги подигне на АТМ. Доколку средствата се искористуваат на АТМ уред во сопственост на Еуростандард банка, не се наплатува провизија”, појасни Марија Ефремова, директор на секторот за работа со физички лица.

При купувањето на подарок картичка треба само да се плати еднократен надоместок од 200 денари за уплати до 3.000 денари, додека за уплати над 3.000 денари се плаќа надомест од 300 денари. Gift Card припејд картичката можат да ја користат физички лица и тоа само во Република Македонија.