Европа ќе добива соларна енергија од мароканска пустина

22

Владите на Германија и уште четири земји се фокусираат на реализација на проектoт Desertek, изградба на првата голема соларна електрана во Мароко.

Германија, Франција, Шпанија, Италија и Мароко започнаа преговори за договор кој предвидува изградба на соларна електрана од 150 мегавати, во вредност од 600 милиони евра, пишува Süddeutsche zeitung.

Електричната енергија што ќе биде добиена од соларната електрана во пустината Сахара на територијата на Мароко, ќе биде испорачана во Шпанија и другите европски земји.

Првата голема соларна електрана треба да биде изградена во периодот од 2014  до 2016 година. Проектот го планира германската компанија Desertec Industrial Initiative (Dii), приватен индустриски конзорциум. Во составот на Dii влегуваат преку 50 интернационални компании и организации, вклучувајќи ги и Deutsche Bank, италијанскиот енергетски гигант Enel и саудискиот Acwa Power.

Покрај долгорочната цел пустинските делови на Северна Африка и Блискиот Исток да ги претвори во извори на енергија добиена од сонце и ветер, Dii планира да покрие 15% од вкупните европски побарувања за електрична енергија до 2050. Целата инвестиција се проценува на неколку стотици милијарди евра.