Европа руши рекорди со број на заразени со Ковид-19

52

Во земјава, во изминатите 24 часа, се регистрирани рекордни 317 новозаразени со коронавирус. Ваквиот “тренд“, за жал, го следиме од многу земји во регионот и Европа.

Според хрватската новинска агенција, Хина, во Хрватска денеска е регистриран рекорден број на случаи – 542. Стапката на заразени со коронавирусот зема поголем замав во повеќе делови од Европа.

Во Словенија во последните 24 часа се регистрирани рекордни 387 заразени, а поради зголемениот број на хоспитализирани, властите отворија нови ковид одделенија во болниците и таканаречени “црвени зони“ во домовите за стари лица.

Бугарија во изминатото деноноќие пријави 437 нови случаи на заразени со коронавирус. Во оваа земја, жителите мора да носат маски во затворен простор, да држат физичка дистанца, а засега не се планира други мерки.

Во Австрија дневниот број на заразени случаи надмина 1.200, што е рекорд од почетокот на март годинава. И во Полска е срушен рекордот во бројот на новозаразени, кои за 24 часа се искачи на 4.280. Чешка за само еден ден има 4.457 нови случаи на лица заразени со Ковид-19. Во Украина за 24 часа има нови 5.397 лица инфицирани со коронавирус.

Во Русија денеска се пријавени рекордни 11.493 нови случаи со коронавирус, поради што бројот на заразени од почетокот на пандемијата надмина 1,2 милиони лица.

За едно деноноќие, во Германија се регистрирани над 4.000 лица заразени со овој вирус, што е за 1.200 повеќе во однос на средата.

Без оглед на тоа какви се вашите уверувања поврзани со вирусот, бидете безбедни, грижете се за сопственото и здравјето на вашите блиски, носете маски, мијте раце и држете физичка дистанца.

Фото: Freepik