Европа со најголем раст на увоз на оружје во последните пет години

27

Европа забележа најголем пораст на увозот на оружје во последните пет години и трендот нагло ќе се забрза со оглед на информациите за повторно вооружување поради новата руска закана, се вели во денескаобјавениот извештај на Меѓународниот институт за мировни истражувања (Stockholm International Peace Research Institute – SIPRI) во Стокхолм, Шведска.

Во периодот 2017-2021 г. светската трговија со оружје падна за 4,6 отсто во однос на претходните пет години, но порасна за 19 отсто на европскиот континент, се наведува во извештајот на СИПРИ.

„Европа повторно е жешка точка, рече Симон Веземан, еден од авторите на годишниот извештај, кој се објавува повеќе од 30 години. Ни треба многу ново оружје, а добар дел ќе дојде од увоз“, претежно меѓуевропско и американско, изјави истражувачот за АФП.

Германија веќе најави планови за големи инвестиции во областа на одбраната.

Поради зголемените тензии со Русија по 2014 година, уделот на Европа во светската трговија се зголеми од 10 на 13 отсто во последните пет години и тој удел „значително“ ќе се зголемува, рече Веземан.

Иако е тешко да се утврдат точни бројки поради нетранспарентноста на многу договори, вредноста на светската трговија со оружје се зголемува на 100 милијарди долари годишно, велат експертите.

Според СИПРИ, Азија и Океанија остануваат главна зона за увоз во последните пет години, со 43 отсто удел во светската трговија со оружје и шест главни увозници (Индија, Австралија, Кина, Јужна Кореја, Пакистан и Јапонија). Трговијата со оружје во најгусто населениот дел на светот, сепак, е намалена за 5 отсто во последните пет години.

Блискиот исток, вториот по големина пазар во светот со 32 отсто удел во светската трговија, забележа послаб раст (+3 отсто) и главно се заснова на инвестициите на Катар поради тензиите со соседните земји во Персискиот Залив.

Уделот на Америка и Африка значително се намали за околу шест проценти на секој континент.

Меѓу петте најголеми извозници на оружје во светот, САД – убедливо најголем извозник – и Франција, на третото место, забележаа силен раст во последните пет години, од 32 на 39 отсто, односно 6 на 11 отсто.

Русија го задржа второто место меѓу извозниците, но нејзиниот удел падна за 19 отсто во текот на разгледуваниот период, а таквиот пад би можел да продолжи поради влијанието на санкциите и зголемената изолација на Москва, заклучува СИПРИ.