Европа собира резерви за деконтаминација и итни случаи: Веќе започна набавка на таблети од калиум јодид

100

Европската комисија почна да работи на создавање стратешки резерви на заштитна опрема за деконтаминација, лекови и вакцини кои би можеле да бидат корисни во случај на хемиски, нуклеарни или биолошки инциденти.

„Преземаме конкретни чекори за да ја зголемиме подготвеноста на Европа да се справи со потенцијалните закани. Создаваме залихи на опрема за деконтаминација и нови залихи на опрема за итни случаи во случај на хемиски, биолошки или нуклеарни инциденти. Нашата цел е да обезбедиме можности за брз одговор на нашите граѓани доколку некогаш се случи ваква вонредна состојба“, рече комесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич.

Овие резерви ќе се состојат од опрема и лекови, вакцини и други терапевтски агенси за третман на пациенти изложени на хемиски, нуклеарни или биолошки агенси, како и опрема за деконтаминација, пренесува Пословни.хр.

Како прв чекор, Европската унија веќе започна со набавка на таблети калиум јодид кои може да се користат за заштита на луѓето од штетните ефекти на радијацијата.

ЕУ веќе испрати речиси три милиони таблети калиум јодид во Украина преку Механизмот за цивилна заштита.