Романската автомобилска компанија Дачија објави дека започнала т.н доброволно отпуштање, сè поради реорганизација на компанијата, која ќе започне на 1 октомври.
Имено, програмата за доброволно отпуштање се заснова на тоа што на работниците им се исплаќа одредена сума пари сразмерна на нивниот стаж во фабриката. Работниците кои сакаат да се пријават за оваа програма ќе имаат можност тоа да го сторат до 20 септември, пренесува B92.
Според информациите испратени до работниците на Дачија, лицата со двегодишно искуство добиваат најниска сума, па ќе им бидат исплатени околу 4.500 евра.
Оние кои работеле од 12 до 16 години во фирмата ќе добијат голема сума на пари, а ќе им бидат исплатени околу 30.000 евра. Најмногу пари ќе добијат вработените со 16 и повеќе години стаж, а ќе добијат околу 37.000 евра.
Како што беше нагласено, компанијата на овој потег се одлучила во секторите каде се роботизира производството, но и во оние сектори каде што е намалена активноста на работниците.
Dacia годинава ќе го заврши производството на моделот Jogger, а потоа ќе влезе во производството на моделот Bigster.
„Фабриката модернизираше добар дел од производствените активности со помош на индустриски роботи, што доведува до потреба од намалување на бројот на вработени“, пишува Romanian Profit.
Романија има еден од најнеефикасните соодноси меѓу бројот на вработени во автомобилската индустрија и количината на произведени автомобили по вработен.
Двете фабрики за автомобили во Крајова и Миовена имаат годишно производство од 3,2 возила по вработен, што е под просекот на ЕУ од 5,4 возила. Исто така, Романија е меѓу земјите со најмногу вработени во автомобилската индустрија со вкупно 160.000 работници.
Ова не е прва програма за компанијата Dacia на доброволно отпуштање, а последното слично беше спроведено во 2022 година.