Европска недела на роботика – Македонија го следи трендот во роботиката

109

robotika FEIT 1

На Факултетот за електротехника и информациски технологии, денеска, беа изложени роботи изработени од студенти на Факултетот, роботи кои ги поседуваат други високо-образовни институции, приватни компании и организации во Република Македонија. Со оваа активност, ФЕИТ се вклучи во одбележувањето на Европската недела на роботиката (24-ти до 30-ти ноември 2014).

“ФЕИТ како македонски лидер во развојот на роботиката се вклучи во европската недела на роботиката со цел да ги прикаже сопствените, но и достигнувањата, на Република Македонија во оваа сфера. Овој настан покажа дека сме во право, односно дека имаме што да покажеме и има интерес тоа да се види. Затоа сме охрабрени и понатаму да продолжиме со нашата работа“, вели деканот на ФЕИТ, професор д-р Миле Станковски.

Според националниот кординатор на Европската недела на роботиката, д-р Васко Саздовски, вклучувањето на ФЕИТ и другите високо-образовни институции, приватни компании и организации во настани како што е Сретни ги роботите ја доближува роботиката и до сите други граѓани, хобисти и ентузијасти.

“Во Република Македонија, во изминативе години, се забележува појава на зголемен интерес за роботиката. Роботизацијата е растечки тренд ширум Европа и светот и може да кажеме дека ние го следиме трендот.Забележлив е зголемениот интерес кај студентите на електротехничките и информатичките факултети, учениците од средните технички училишта и воопшто, младите“, објаснува Саздовски.

Тој потенцира дека ваквите настани ги мотивираат луѓето од сите возрасти да се запознаат со природните науки, технологијата, инженерството и математиката и притоа, да развијат одговорен пристап кон употребата на роботите во нашето општество.

Настанот е организиран од Институтот за автоматика и системско инженерство при ФЕИТ, Центарот за нови студенти и студентите од Робомак во координација со националниот координатор на Европската недела на роботика, д-р Васко Саздовски.