Европската комисија ги истражува кинеските производители на ветерни турбини

24

Европската комисија отвори истрага за понудите на кинеските производители на ветерна енергија кои аплицирале на јавни тендери во група земји од ЕУ за да утврди дали се во предност поради државните субвенции.

Комисијата ќе ги разгледа условите за изградба на ветерни електрани во Шпанија, Грција, Франција, Романија и Бугарија, изјави еврокомесарот за пазарна конкуренција Маргрете Вестагер. Според неа, ЕУ треба систематски да пристапи кон овој проблем.

„И мораме да го направиме тоа пред да биде предоцна. Не можеме да дозволиме она што се случи со соларните панели да се повтори со електрични возила, ветер или клучни чипови“, рече таа.

Инсталираните ветерни електрани во ЕУ се главно од домашно производство, но кинеските производители освоија приближно две третини од глобалниот пазар до крајот на 2022 година и држат повеќе од 90 отсто од пазарот на соларни панели во ЕУ.

Истрагата за ветерните електрани спаѓа во регулативата за странски субвенции, која од јули 2023 година ѝ овозможува на Комисијата да анализира дали претерано поволните понуди на странски компании на јавните тендери во ЕУ се резултат на државни субвенции.

Минатата недела Комисијата отвори две истраги за понудите на кинески компании на јавниот тендер за изградба на соларна централа во Романија, пренесува Хина.

Првата истрага заснована на новите овластувања на ЕК беше прекината откако кинескиот производител на возови CRRC Qingdao Sifang Locomotive се повлече од тендерот за набавка на возови во Бугарија.