Европски функционери шпионирани со софтвер од контроверзна израелска фирма

67

Високи функционери на Европската унија (ЕУ) беа цел на „Пегасус“ минатата година, објави Ројтерс. Меѓу нив се актуелниот европски комесар за правда Дидие Рејндерс и уште најмалку четворица членови на Европската комисија.

За тоа „Ројтерс“ го информирале двајца претставници на ЕУ, а новинската агенција имала увид и во документацијата во врска со тоа.

Европската комисија станала свесна за фактот дека нејзините членови биле цел на шпионски софтвер „Пегасус“ откако Apple ги контактирал преку пораки испратени до сопствениците на iPhone во ноември 2021 година, предупредувајќи ги примателите дека се „мета на напаѓачи спонзорирани од државата“.

Засега нема информации кој ги шпионирал Рејндерс и неговите колеги со „Пегасус“ и дали обидите биле успешни или не.

Групацијата НСО, израелска компанија која го разви „Пегасус“, во соопштение рече дека не е одговорна за обидите за хакирање споменати во извештајот, тврдејќи дека наводното шпионирање „не можело да се случи со алатките на NSO“. Компанијата додаде дека е посветена да го истражи ова прашање.

Овој извештај е последен во серијата обвиненија против NSO Group и нејзиниот софтвер за шпионирање. На пример, минатата година беше објавено дека „Пегасус“ ги хакирал iPhone уредите на девет функционери на американскиот Стејт департмент, а се тврдеше дека малициозен софтвер кој не бара интеракција со корисниците бил користен за хакирање на телефонот на директорот на Amazon, Џеф Безос.

Поради сите овие обвинувања, на црната листа во САД е додадена и NSO Group, а израелската компанија беше тужена од Apple и Facebook за наводни насочени напади врз нејзините корисници.