Европски гигант фатен во измама, акциите паднаа 85%

176

Германската компанија Wirecard, којашто се најде во центар на скандалот кога беше објавено дека на сметките на компании недостасуваат скоро две милијарди долари, сега тврди дека парите никогаш не постоеле. За само три дена, акциите на компанијата паднаа за 85%.

Компанијата признала дека ревизорите не успеале да ги пронајдат парите, бидејќи веројатно никогаш не постоеле. Ова само ја продлабочи кризата во оваа германска компанија, која некогаш важеше за ѕвезда на германскиот технолошки сектор.

Вредноста на акциите падна за 85%, а со тоа се избриша и пазарната вредност од 12,5 милијарди долари. Сè се случи за три дена и започна кога Ernst Young (EY), долгогодишниот ревизор на компанијата, одби да ги потпише сметките на компанијата.

Компанијата ги повлече своите првични проценки за резултатите, како и прогнозата за добивка за 2020 година.

Главниот извршен директор, Маркус Браун поднесе оставка откако ЕY соопшти дека не може да ги лоцира парите, што сочинува околу една четвртина од имотот на компанијата. Пред да замине, Браун рече дека компанијата можеби била жртва на голема измама. Потрагата по исчезнатите средства беше фокусирана на Филипините, но централната банка на земјата соопшти дека нема записи за вложени пари во нејзиниот финансиски систем.

Од компанијата во меѓувреме, ангажираа инвестициска банка за да изготват нова стратегија за финансирање.

Основана во 1999 година, Wirecard некогаш важеше за една од најперспективните технолошки компании во Европа. Компанијата, која има скоро 6.000 вработени во 26 земји низ светот, објави приходи од над две милијарди евра (2,2 милијарди долари) во 2018 година. Акциите достигнаа ниво над 190 евра во септември 2018 година, истиот месец компанијата ја замени Commerzbank на германскиот список на 30 најдобри компании. Денес, акциите се тргуваат за само 13 евра.

Фото: Facebook