
Европскиот парламент со тесно мнозинство одлучи да побара мислење од Судот на правдата на Европската Унија за трговскиот договор на Европската Унија со земјите од Меркосур, со што неговата имплементација се одложува за најмалку две години.
334 пратеници гласаа за испраќање на договорот до Судот на ЕУ на разгледување, додека 324 гласаа против. Со одлуката на Парламентот, договорот не може да стапи во сила сè додека Судот на правдата на Европската Унија не го презентира својот став, а тој процес може да трае до 24 месеци.
Во саботата, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го потпиша договорот во Парагвај во име на Европската Унија. Станува збор за трговски договор за кој се преговара цели 25 години и кој е претставен како еден од најголемите и најзначајните трговски договори што ЕУ некогаш ги склучила.
Тоа би создало слободен пазар со повеќе од 700 милиони потрошувачи.
Иако договорот доби поддршка од квалификувано мнозинство од земјите-членки во Советот на ЕУ, силниот притисок од земјоделците во одредени земји доведе до тоа членовите на Европскиот парламент да одлучат да го одложат неговото спроведување, барем додека Судот на правдата на Европската Унија не донесе одлука за него.











