
Европските берзи денес се во позитива, а цената на нафтата од типот Брент малку падна и се движи околу 97 долари за барел откако Либан и Израел, со посредство на Вашингтон, постигнаа договор за прекин на огнот.
Според податоците од берзата во 9:30 часот наутро, цената на суровата нафта е намалена за 0,74 проценти на 95,289 долари, а на нафтата од типот Брент за 0,81 процент на 97,022 долари.
Падот на геополитичките ризици по објавувањето на договорот привремено го намали притисокот врз енергетските пазари. Според условите на договорот, прекинот на огнот зависи од целосното прекинување на активностите на проиранската организација Хезболах, како и од повлекувањето на сите нејзини оперативци од областа јужно од реката Литани, пренесува CNBC.
Германскиот DAX порасна за 0,44 проценти, францускиот CAC 40 за 0,66 проценти, FTSE 100 за 0,19 проценти, а московскиот MOEX за 0,08 проценти.
Европските фјучерси за гас за јули беа продадени денес на отворањето на Амстердамската берза TTF по цена од 49.210 евра за мегават-час.
Вредноста на еврото во однос на доларот на Форекс берзата денес е 1,16049 долари. Цената на златото се искачи на 4.464,42 долари за тројанска унца, а цената на пченицата падна на 5,8454 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).











