Европските и американските берзански индекси се во пад, ФЕД денес одлучува за каматните стапки

Европските и американските берзански индекси денес се во пад, нафтата и пченицата поскапеа со истовремен пад на цените на златото, додека пазарите ја чекаат одлуката на американската централна банка ФЕД за каматните стапки, која ќе биде објавена во 20 часот.

Трговците исто така ќе ги следат коментарите од претседателот на ФЕД, Џером Пауел, за да добијат увид во очекуваното движење на каматните стапки и состојбата на американската економија.
Покрај тоа, инвеститорите се фокусирани на извештаите за заработка од „Ново Нордиск“, „Бе-Ем-Ве“ , „Веолиа“ или „Делез“.

Денес во 9:45 часот наутро, индексот DAX на Франкфуртската берза падна за 0,09 проценти на 23.212,50 поени, лондонскиот FTSE 100 за 0,36 проценти на 8.568,29 поени, францускиот CAC 40 за 0,52 проценти на 7.654,97 поени, московскиот MOEX за 0,53 проценти на 2.805,54 поени.

Вредноста на американскиот берзански индекс Дау Џонс падна за 0,95 проценти на 40.829,00 поени, индексот S&P 500 за 0,77 проценти на 5.606,91 поени, а вредноста на индексот Nasdaq за 0,87 проценти на 17.689,66 поени.

Европските фјучерси за гас за јуни беа продадени на отворањето на берзата TTF по цена од 35 евра за мегават-час.

Според моменталните податоци од берзата, цената на суровата нафта се искачи на 60.131 долари, а цената на нафтата од типот Брент на 63.134 долари.

Цената на златото падна на 3.389,34 долари за унца, а цената на пченицата се искачи на 5,2534 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг). Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс е 1,13565, што е за 0,11 проценти помалку од претходната трговија.