Еврозоната го подобри надворешно-трговскиот биланс за 20 милијарди евра во февруари

19

Прелиминарните податоци за надворешно-трговскиот биланс на еврозоната укажуваат на суфицит од 23,6 милијарди евра во стоковната размена со остатокот од светот во февруари годинава, во споредба со истиот месец лани кога суфицитот изнесуваше 3,6 милијарди евра, објави Евростат.

Извозот на стоки од еврозоната во остатокот од светот во февруари 2024 година изнесува 235 милијарди евра, што е благ пораст од 0,3 отсто во споредба со февруари 2023 година (234,4 милијарди евра).

Увозот од остатокот од светот изнесува 211,4 милијарди евра, што е намалување од 8,4 отсто во однос на февруари 2023 година (230,8 милијарди евра).

Во февруари евидентираниот суфицит во секторот „машини и возила“ е речиси двојно зголемен во однос на јануари, а дефицитот забележан во областа на енергетиката продолжи да се намалува. Како резултат на тоа, се зголеми вкупниот вишок.

Во првите два месеци од 2024 година, еврозоната забележа суфицит од 35,2 милијарди евра, наспроти -28,4 милијарди евра во периодот јануари-февруари 2023 година.

Извозот на стоки од еврозоната во остатокот од светот се зголеми на 460,7 милијарди евра, што е зголемување од 0,6 отсто во однос на периодот јануари-февруари 2023 година, а увозот падна на 425,5 милијарди евра (намалување од 12,5 отсто во однос на јануари-февруари 2023 година). .

САД се рангирани на прво место меѓу надворешните трговски партнери на ЕУ
Соединетите Американски Држави во февруари беа на прво место според вредноста на надворешнотрговската размена со ЕУ, а на овој пазар европските земји извезоа стоки во вредност од 42,3 милијарди евра, додека увозот од САД изнесува 27,3 милијарди евра. На второ место е Кина, а ЕУ бележи пад на вредноста на извозот од 13,3 отсто, а увозот од 11 отсто.

Трет најголем трговски партнер на 27-члениот блок е Велика Британија, кон која во февруари извозот е зголемен за 5,1 отсто, додека увозот е намален за 12 отсто. Во првите 10 партнери на ЕУ се Швајцарија, Турција, Норвешка, Јапонија, Јужна Кореја, Индија и Мексико.

Вредноста на трговската размена во еврозоната падна на 428,9 милијарди евра во периодот јануари-февруари, што е пад од 6,2 отсто во однос на резултатите во првите два месеци од минатата година.

Кога станува збор за ЕУ, прелиминарните податоци укажуваат на суфицит од 22,1 милијарда евра во трговската размена со остатокот од светот во февруари, наспроти две милијарди евра, што ЕУ беше „во суфицит“ една година претходно.

Извозот на стоки од ЕУ во февруари 2024 година изнесува 210,6 милијарди евра, што е за 0,7 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани.

Фото: Freepik