ФАО ја зголемува поддршката за македонското земјоделство преку четири нови регионални проекти во вредност од 1,5 милиони долари

117

На заедничка прес конференција, одржана денеска во Скопје, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), најавија зголемување на поддршката на ФАО за македонскиот земјоделски сектор преку четири проекти за регионална соработка во областите на здравјето на животните и растенијата, намалување на загубите и отпадот на храна и одржливо управување со рибните ресурси, во вкупна вредност од 1,5 милиони долари, стои во соопштението.

Четирите проекти се дел од Програмската рамка на ФАО за 2018 – 2020 година, потпишана оваа година меѓу ФАО и Владата на Република Македонија, насочена кон три главни приоритети – зголемена конкурентност на земјоделскиот сектор, подобрување на животот во руралните средини преку одржлив рурален развој, како и одржливо управување со природните ресурси и  справување со климатските промени.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, даде кус преглед на регионалните иницијативи и ја истакна важноста Македонија активно да учествува заедно со земјите од Западен Балкан и поширокиот регион, во насока на унапредувањето на регионалната соработка во духот на Берлинскиот процес, како исклучително важна регионална иницијатива за забрзано интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Министерот Николовски потенцираше дека активностите од овие регионални проекти ќе помогнат при синхронизирано усогласување на националните политики за земјоделство и рурален развој кон ЕУ, во области кои ги засегаат сите земји партнери во проектите.

“Преку регионалните проекти, ФАО вклучува широка експертиза и меѓународно искуство да им помогне на земјите при справување со слични проблеми во нивното земјоделство и рурален развој, притоа јакнејќи ја регионалната соработка, истражувањето и размената на знаења меѓу државите”, изјави Гордана Кожухарова, ФАО Програмски специјалист од Регионална канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија и одговорно лице за програмата на ФАО во Македонија.

Еден од проектите има за цел да ги вклучи и обедини сите релевантни чинители во борбата против Африканската свинска чума – најсмртоносната заразна вирусна болест кај домашните и дивите свињи, која предизвикува серозни економски загуби во секторот свињарство.

Болеста се шири со постојана брзина низ Источна и Централна Европа уште од првата појава во Грузија во 2007 година, и покрај силниот капацитет на ветеринарните служби на заразените држави во ЕУ и фондовите кои ЕУ ги издвојува за контрола на болеста. Експертите веруваат дека влезот на Балканот, преку домашни или диви свињи, е само прашање на време, со што зајакнувањето на капацитетите за превенција, откривање и контрола на болеста во земјите е од суштинска важност.

ФАО ќе работи со МЗШВ и АХВ на подигнување на свеста за болеста меѓу сите учесници во синџирот (ветеринари, шумарски служби, свињарски фарми и ловци), обука на ветеринарите и шумарските службеници за откривање, спречување и контрола на Африканска свинска чума во фармите и дивината, како и развивање на планови за спречување и надзор на болеста. На регионално ниво, ФАО ќе обезбеди поддршка за земјите при редовната размена на информации за нивниот статус со и борбата против Африканска свинска чума, олеснувајќи ја координацијата на нивните превентивни и контролни мерки.

Со друг проект, ФАО обезбедува поддршка за седум земји, вклучително и Македонија, да ги зајакнат фитосанитарните системи и да стекнат придобивки од знаењата и искуствата на меѓународната фитосанитарна заедница.

Проектот има за цел зајакнување на капацитетите на Националните организации за заштита на растенија за подобро справување со опасноста од штетници во земјоделското производство и во екосистемите, особено во однос на националната и меѓународната трговија со растенија и производи од растително потекло, олеснување на економски развој и борбата против сиромаштијата, притоа зголемувајќи ја безбедноста на храната во земјите.

Кадарот на Националните организации за заштита на растенија ќе биде обучен за надзор на штетници кај растенија и фитосанитарна сертификација според меѓународни стандарди, детекција и идентификација на штетниците преку лабораториска дијагностика, како и интегрирано управување со штетници за клучните земјоделски култури во земјите.

Намалување на загубите и отпадот од храна е уште една област во која ФАО ќе даде поддршка на четири земји од Југоисточна Европа, вклучително и Македонија. Во рамки на регионалната иницијатива на ФАО – SAVE FOOD, ќе се работи на креирање на национални стратегии за намалување на загубите и отпадот од храна, во согласност со специфичните потреби на земјите, постојните национални стратегии за развој на земјоделството, безбедноста на храната и ублажување на климатските промени. Ќе се работи и на регионална кампања за подигнување на јавната свест, ќе се воспостави и координира партнерска мрежа и ќе се спроведуваат обуки за најдобри практики за намалување на загубите и отпадот од храна.

Одржливо управување со рибните ресурси, кои се од витално значење за малите речни и езерски заедници во Македонија, Албанија и Црна Гора, е главна цел на уште еден регионален проект на ФАО, претставен денеска во Скопје.

Проектот ќе помогне на МЗШВ, рибарските заедници и општините во одржување на еколошка одржливост на рибните стопанства во земјата, преку обезбедување на соодветна методологија за собирање на податоци и развој на планови за управување со водните текови, кои го зголемуваат производниот потенцијал и социо – економската вредност на рибните ресурси во земјата. Ова, од своја страна ќе ги поттикне законодавците да укажат соодветно внимание на секторот при носење одлуки што влијаат на рибните живеалишта.

Според Даниела Мангионе, Програмски службеник на ФАО, одговорна за регионалните проекти на ФАО во Европа и Централна Азија, “соработката помеѓу ФАО и Република Македонија значајно се зголеми во текот на последната година. Четирите регионални проекти, со вкупен буџет од 1,5 милиони долари, го продолжуваат овој тренд и со воведување на нови области за заедничка работа, ќе дадат форма на идните партнерства.“ Таа додава дека регионалната соработка е суштинска компонента на инвестициите на земјите во одржливо земјоделство и рурален развој, справување со климатските промени и одржливо управување со природните ресурси.