
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во петокот објави дека во август годинава паднале цените на прехранбените производи, освен на оризот и шеќерот, што било под влијание на зголемувањето на залихите на храна.
Како што е наведено, ФАО индексот на светските цени на прехранбените производи, кој на месечно ниво ги следи промените на светските цени на прехранбените производи со кои се тргува на глобално ниво, во август во просек изнесувал 121,4 поени, што е за 2,1 отсто помалку од јули и 24 отсто помалку од рекордот постигнат во март минатата година, пренесува Бета.
Во август, цената на растителните масла се намали за 3,1 отсто, делумно поништувајќи го големиот пораст од 12,1 отсто во јули, а светските цени на сончогледовото масло паднаа за речиси осум отсто во текот на месецот, како резултат на слабеењето на глобалната побарувачка за увоз и се поголем број понуди големи извозници.
Глобалните цени на маслото од соја паднаа поради подобрените услови за културите на соја во САД, додека пак цените на палминото масло умерено паднаа поради сезонскиот пораст на производството во земјите од Југоисточна Азија.
ФАО соопшти дека вредноста на индексот на цените на житариците е намалена за 0,7 отсто во однос на јули, а светските цени на пченицата паднаа за 3,8 отсто во август поради зголемената достапност кај водечките извозници, додека цените на другите житарки паднаа за 3,4 отсто поради големите глобални залихи на пченка од рекордната жетва во Бразил и неодамнешната жетва во САД.
Истовремено, вредноста на индексот на цените на оризот порасна за 9,8 отсто во однос на јули.
Вредноста на индексот на цените на млечните производи е намалена за четири отсто во однос на јули, предводена од цените на млекото во прав и обилните залихи од Океанија.
Светските цени на путерот и сирењето исто така паднаа, делумно поради недоволната пазарна активност поврзана со летните одмори во Европа, соопшти ФАО.
Цените на месото во светот паднаа за три отсто, а најмногу на светските овчо месо, поради зголемувањето на достапноста на извозот главно од Австралија и послабата побарувачка од Кина. Големите залихи влијаеа и на цените на свинското, живината и говедското месо.
Како што се наведува, вредноста на светскиот индекс на цените на шеќерот е зголемена за 1,3 отсто во однос на јули, додека во август е во просек за 34,1 отсто повисока од вредноста пред една година.
Зголемувањето беше главно предизвикано од зголемената загриженост за влијанието на временскиот феномен Ел Нињо врз посевите со шеќерна трска, заедно со потпросечните врнежи од дожд во август и сувите временски услови во Тајланд.
Големиот род на шеќер во Бразил го ограничи растот на светската цена на шеќерот, како и намалената цена на етанолот и слабеењето на бразилскиот реал, објави ФАО.