ФЕД ја зголеми референтната каматна стапка за 0,75 отсто втор месец по ред

55

Во средата американската централна банка (FED) одобри ново зголемување на каматните стапки, втор месец по ред, за нови 0,75 отсто. Тоа значи дека вкупниот пораст на каматните стапки во јуни и јули изнесува 150 базични поени, што е највисоко од ерата на Пол Вокер во раните осумдесетти. Клучните каматни стапки во САД се очекува дополнително да се зголемат до крајот на оваа година, во обид да се спречи рекордната инфлација во изминатите четири децении.

Претставниците на ФЕД најавија зголемување на каматната стапка за 75 базични поени, што ќе ја зголеми вкупната референтна стапка на федералните фондови меѓу 2,25 и 2,5 проценти.

Комитетот за отворен пазар на ФЕД (FOMC) ја повтори својата силна посветеност за намалување на зголемената инфлација и нејзино враќање на целта од два проценти.

Комитетот оцени дека најновите зголемувања на клучните каматни стапки ќе бидат соодветни, но истакна дека ќе ја прилагоди својата политика доколку се појават ризици кои можат да го загрозат остварувањето на поставените цели. Одлуката на комисијата беше едногласна.

И покрај тешкотиите со кои се соочува американската економија и целата економија, американската министерка за финансии Џенет Јелен сепак изразува доверба во борбата на ФЕД против инфлацијата и тврди дека не гледа знаци дека американската економија е во поширока рецесија.