Федералните резерви повторно ја зголемија каматната стапка

57

Американската централна банка, Федералните резерви (ФЕД) во средата ги зголеми каматните стапки, по трет пат од јуни, за нови 0,75 отсто. Тоа значи дека вкупниот пораст на каматните стапки од јуни изнесува 225 базични поени, што е повеќе од почетокот на 1980-тите и најтешката кампања на монетарно затегнување досега. На овој начин, ФЕД ја покажа својата намера да продолжи со затегнување на монетарната политика во својата борба да ја заузда рекордната инфлација во САД во последните четири децении.

Претставниците на ФЕД најавија зголемување на каматната стапка за 75 базични поени, што ќе ја зголеми вкупната референтна стапка на федералните фондови меѓу три и 3,25 проценти.

Прогнозите на ФЕД се дека референтната каматна стапка ќе порасне на 4,4 отсто до крајот на годината, додека во 2023 година би достигнала ниво од 4,6 отсто. Ова укажува дека четвртото последователно зголемување од 75 базични поени би можело да се најде на дневен ред веќе на следниот состанок закажан за ноември.

Најавено е и можно намалување на референтната стапка на 3,9 отсто во 2024 година и 2,9 отсто во 2025 година.

Исто така, претставници на американската централна банка очекуваат стапката на невработеност да се зголеми на 4,4 отсто до крајот на следната година, во однос на 3,7 отсто во август. Ова укажува на нивните очекувања дека напорите за ограничување на инфлацијата ќе доведат до значително забавување на пазарот на трудот. Во јуни очекуваа стапката на невработеност да се зголеми на само 3,9 проценти следната година.

Претставниците на ФЕД очекуваат бруто домашниот производ на САД да порасне за 0,2 отсто оваа година. Во декември 2021 година очекуваа раст од четири отсто, а во јуни годинава прогнозата беше дека американската економија ќе порасне за 1,7 отсто.