ФЕИТ работилница по повод Светскиот ден на телекомуникациите

37

feit

По повод Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество (17 мај), Факултетот за електротехника и информациски технологии организира работилница насловена како FutureComNet2015.

Работилницата ќе се одржи на 15.05.2015 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии со почеток во 12 часот.

На работилницата свои предавања ќе одржат проф. Јан Акјилдиз, Универзитет ЏорџиаТек, Атланта, САД и м-р Даниел Денковски, најдобар млад научник за 2014, Македонија.

Ова е втора работилница од областа на телекомуникациите, иницирана од Институтот за телекомуникации при ФЕИТ – Скопје со која се одбележува Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество. Работилницата се организира со цел да се разменат идеи меѓу релевантните експерти од науката, индустријата и стопанството во однос на најновите телекомуникациски аспекти, да се развие дискусија за развојниот тренд и пазарот на телекомуникациите и да се согледа потребата од неопходната регулатива во областа. Предавањето на проф. Акјилдиз ќе опфати еден популарен преглед на развојот на мрежните архитектури кај секојдневните целуларни безжични мрежи (GSM, 3G, 4G) и ќе даде насоки за најверојатен можен иден развој, додека предавањето на м-р Денковски ќе се осврне на теоретските аспекти на проблемот на локализација на безжични примопредаватели со користење на мерни сензори чии локации имаат одредена мерна несигурност. Двете предавања опфаќаат теми кои се актуелни во развојот на нови безжични мрежи во иднина.