Фереро ги повлече киндер јајцата од британските продавници поради салмонела

289

Италијанската кондиторска групација Фереро ги повлече чоколадните јајца Kinder Surprise од британските продавници две недели пред Велигден поради можна поврзаност со десетици пријавени случаи на салмонела.

Фереро, повлекува некои серии чоколадни јајца Kinder во Британија поради случаи на инфекции со салмонела кои следеа по консумирањето на овој производ, објави Агенцијата за безбедност на храна (FSA).

„Постојат индиции дека овие производи се поврзани со појава на салмонела. „Некои од заразените се мали деца“, се вели во соопштението на FSA.

Истрагите спроведени од Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA), шкотското јавно здравство, јавното здравство во Велс и Агенцијата за јавно здравје на Северна Ирска открија поврзаност помеѓу пријавените случаи на труење со салмонела низ Велика Британија и киндер јајцата, пишува Гардијан.

Станува збор за чоколадни јајца од 20 грама кои имале рок на траење помеѓу 11 јули и 7 октомври 2022 година.

Како мерка на претпазливост, Фереро ги повлече производите и на луѓето им се препорачува да не ги јадат. FSA соопшти дека сите јајца се произведени во иста фабрика. Се верува дека тоа нема да влијае на другите производи на Фереро.