Фершпед Брокер и ТТК Банка добија согласност за членство на СЕЕ Линк

23

see-link

Брокерската куќа Фершпед Брокер и ТТК Банка – оддел за работа со хартии од вредност добија согласност од Комисијата за хартии од вредност да ја прошират дозволата за работење со хартии од вредност со нова услуга.

Според тоа, тие ќе можат да вршат прием и пренос на налози за купување и за продавање хартии од вредност на странски пазари, со што ќе можат да се приклучат на регионалната платформа за тргување со хартии од вредност котирани на Бугарската, Загрепската и на Македонската берза.

Тоа значи дека досега вкупно осум од десетте членки на Македонската берза ги исполнија условите за да учествуваат на регионалната платформа СЕЕ Линк.

На седницата, што се одржа на 18-ти април, КХВ даде согласност Ѓорѓи Палевски да биде именуван за раководител на Дирекцијата за услуги со хартии од вредност на Еуростандард банка АД Скопје со мандат од пет години. Исто така, КХВ дозволи досегашните извршни директори на Друштвото за управување со инвестициски фондови Иново Статус АД Скопје, Миа Стефановска Зографска и Благој Митров да добијат уште по еден мандат од четири години.