Фершпед планира раст на оперативната добивка од 18,5% оваа година

28

fersped

Акционерското друштво Фершпед планира раст на оперативната добивка од 18,5% за оваа година, покажува Бизнис планот објавен на Македонска берза.

“Се очекува раст на работењето на Фершпед АД Скопје за наредната година. Во проектираниот бизнис план за 2016 година се предвидува раст на оперативните приходи од 3,8%. Кај оперативните расходи се предвидува раст од 3,6%, односно за 0,2 индексни поени помалку од растот на оперативните приходи. Заложба на друштвото е намалување на трошоците до моментот кога не би се загрозил квалитетот на работењето, но не и оние трошоци кои се дирекно поврзани со обемот на работење. Се предвидува раст на оперативната добивка од 18,5%“, стои во Бизнис планот.

Заради осовременување на процесот на работење, како што се наведува, се предвидува вложување во инвестиции од 43,9 милиони денари од кои околу 10 милиони денари се предвидува за инвестирање во градежните објекти, околу 5,6 милиони денари за опрема во градежништвото и остатокот од 28,3 милиони денари во набавка на опрема.

“Бизнис планот на Фершпед АД Скопје се базира на: економската состојба во стопанството, реалните очекувања, проекции и можности за тековното работење, можностите за освојување на нови пазари, политиките на управување со ризици и зголемената ефикасност на сопствените ресурси“, наведуваат од компанијата.