Фестивал на младо вино 2016 во Тиквеш

44

tikves

Многубројните љубители на виното, викендов имаа можност да присуствуваат на првото отворање на бочвите со вино од годинешната берба, кое традиционално се одржува во винарската визба Тиквеш, во рамки на манифестацијата Фестивал на младо вино.

Судејќи според првичните импресии од познавачите на вино и посетителите на годинешниот Фестивал, вината на Тиквеш од оваа берба имаат значаен потенцијал за пласман на домашниот, но и на најпребирливите странски пазари, каде владее исклучително остра конкуренција. Истовремено, и покрај тоа што се работи за млади вина, квалитетот што го поседуваат е гаранција дека и во наредниот период ќе добиваме убави вести за освоени високи оценки, медали и признанија и со тоа ќе биде повторена, па дури и надмината бројката од над 50-тина високи признанија што во просек годишно ги добиваат врвните вина на Тиквеш на престижните светски вински натпревари, велат првите луѓе на винарницата.

Фестивалот на младо вино, којшто годинава по седми пат последователно го организира Тиквеш, е прв и единствен од ваков вид во земјава. На настанот присуствуваа бројни љубители на вината на Тиквеш, вински познавачи, познати личности од бизнис светот и од уметноста. Тој придонесува за креирање на домашната традиција за проценка на квалитетот на виното од тековната берба, за развојот на винската култура и за унапредување на репутацијата и стандардите во домашната винска индустрија и на македонското врвно вино како автентичен бренд. Во прекрасна атмосфера добра храна и извонредно вино уживаа многубројните амбасадори, луѓе од деловниот свет, познати личности, вински познавачи, сомелиери и љубители на вината на Тиквеш од целиот регион.