Фестивал на младо вино на ВВ Тиквеш

30

Винарската визба Тиквеш и оваа година креира вина со одличен квалитет. Во тоа се уверија големиот број љубители на виното од земјава и регионот кои присуствуваа на првото отворање на бочвите со вино од годинешната берба во рамки на Фестивалот на младо вино. Овој фестивал, кој петта година по ред го организира ВВ Тиквеш е прв и единствен од ваков вид во земјава и придонесува за развој на винската култура, како и создавање на сопствена традиција на евалуација на виното од последната берба, како што е случајот во многу други земји производители на вино.

„Успеавме да произведеме одлични вина со висок квалитет и во годината која според сите познавачи е можеби најлошата година за лозарството на Балканот во последните 40 години. Тоа покажува дека нашиот концепт на фаворизирање на квалитетот пред квантитетот и континуираните и обемни инвестиции во технологија, иновации и знаење кои го извлекуваат најдоброто од грозјето во сите сегменти од производството, е единствениот пат што гарантира успех“, изјави Игор Илиевски, генерален директор на винарската визба Тиквеш.

Врвните вина на Тиквеш, кои и годинава изобилуваат со висока ароматика и одлична пивкост, имаат потенцијал да освојат многу нови медали, признанија и највисоки оценки на реномирани светски вински натпревари и да го повторат успехот од минатите години. Вината на винарската визба Тиквеш во континуитет освојуваат високи признанија и бројни награди и медали на регионално и меѓународно ниво, благодарение на што Тиквеш е најнаградувана винарница во регионот.

Фестивалот во винарската визба Тиквеш се одржува паралелно со фестивалите на младо вино низ цела Европа кои традиционално се организираат во третата недела од ноември. Оваа манифестација има значајна улога во градењето на винската култура и промоцијата на домашната винска традиција. На тој начин се истакнуваат предностите на Македонија како винска земја и спецификите што ги имаат вината создадени во Македонија, како предуслов за создавање силни автентични вински брендови и нивно позиционирање на домашниот и странските пазари. Како водечки производител на вино во земјава и регионот, Тиквеш и понатаму ќе дава значаен придонес во овој процес.