Фестивал на органска храна во Скопје

44

Под мотото Вкусот на минатото сегашноста и иднината, Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) денеска организира Фестивал на органска храна, пишува Миа.

Целта е помасовно да се промовира важноста на органското земјоделско производство за економскиот развој, заштитата на животната средина и здравјето на луѓето или, како што порачува ФЗНХ, палетата на органска храна да биде платформа преку која ќе се соединат производителите, преработувачите, науката, потрошувачите и медиумите за перспективна, одржлива иднина за органска Македонија.

Фестивалот најавува учество на преку 20 компании и производители на органски производи, а посебен акцент ќе биде ставен на младата популација која ќе има можност преку едукативно – креативен пристап да добие повеќе информации за здравиот начин на живеење.

ФЗНХ го најавува и проектот Skopje Organic Life, кој ќе се одржува двапати годишно како пролетна и есенска манифестација со концепт кој претставува нова форма на Еко фестивал. Идејата е да се разбуди свеста на секој поединец за здраво и одржливо живеење.

Фестивалот на органска храна е под покровителство на Град Скопје, а ќе го отвори директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски.