Филипинците ќе прават зелен и паметен град за борба против загадувањето во Манила

47

Филипинската метропола, Манила, е најгусто населен град на светот и позната по својот сообраќаен метеж кој не само што има сериозни последици врз животната средина, туку  ги загрозува економските и сите други аспекти на живеење. Затоа земјата создаде прилично амбициозен план за справување со овие прашања, односно ќе изгради нов паметен град кој е зелен и еластичен, пишува Inhabitat.

Новиот град e наречен New Clark City и се смета за град близнак на Манила. Се наоѓа во централниот дел на Лузон, на околу 120 километри од Манила во поранешната американска воена база. Се очекува да биде поголем од Менхетен и дом на два милиони луѓе.

New Clark City има за цел да избегне многу проблеми кои ја мачат Манила со нагласување на зелениот дизајн и паметните технологии. Две третини од градското земјиште ќе бидат искористени за зелен простор и земјоделство. Според проектот планирано е да се користат техники на зелена градба – какошто се системите за следење на енергија, а фокусот на користење исклучиво обновлива енергија во голема мера ќе ја зголеми енергетската ефикасност и ќе ги намали емисиите на стакленички гасови.

Филипинците предвидуваат и употреба на автономни автомобили кои дополнително ќе го намалат сегашниот и иден метеж. Издигнувањето на градот на најниската точка е 184 метри надморска височина за да се минимизира ризикот од поплави, а зелениот простор покрај реките исто така ќе овозможи простор за водата да расте, без оштетување на блискиот имот.

За да ги привлече жителите да се преселат во новиот град, владата на Филипините до 2023 година ќе премести многу свои канцеларии и илјадници работници за кои ќе се направат 8.000 станбени единици. Еден од најзначајните делови на проектот е проширувањето на аеродромот Кларк, со што би се удвоил обемот на летови.

Проектот предвидува да вклучи и железнички систем кој ќе го поврзува новиот град со Манила. Вклучувањето на сигурен јавен превоз треба да ги олесни некои од проблемите за патниците, посетителите и жителите на градот.

Филипинците очекуваат да го комплетираат целосниот план за развој во рок од 30 години. Севкупно, New Clark City е проект кој ќе чини околу 14 милијарди долари.

Фото: Facebook