
Француско-италијанско-американскиот производител на автомобили „Стелантис“ во четврток ги објави резултатите за третиот квартал, покажувајќи раст на приходите од 13 проценти на годишно ниво, прв позитивен раст во седум последователни квартали и потенцијално прв конкретен знак за пресврт под новото раководство на извршниот директор Антонио Филоса.
Компанијата, исто така, објави дека ја проценуваат штетата од американските царини и трговските мерки што се во сила на 30 октомври на околу една милијарда евра за целата 2025 година, што е малку пониско од претходните проценки во опсег од 1-1,5 милијарди евра.
Во периодот од јули до септември оваа година, нето-приходот на „Стелантис“ изнесуваше 37,2 милијарди евра, главно поради добрите резултати на главните пазари каде што работи, во Северна Америка и Европа.
Откако беше назначен за прв човек на компанијата во јуни, Филоса започна борба за запирање на понатамошниот пад на продажбата во САД и за намалување на вишокот непродадени возила во Северна Америка, што на крајот од минатата година доведе до отпуштање на поранешниот извршен директор Карлос Таварес.
Порано овој месец, „Стелантис“ соопшти дека ќе инвестира 13 милијарди долари за проширување на производството во САД и намалување на штетите од американските царини.
 
 












