Financial Times: 1.000 најбрзорастечки компании во Европа

25

Магазинот Financial Times направи листа од 1.000 компании во Европа кои имале најголема стапка на раст на приходите меѓу 2015-та и 2018-та година. Конкуренцијата е уште посложена бидејќи компаниите треба да исполнат минималната стапка на раст од 38,4% за да може да се најдат на листа, а една година претходно овој критериум беше понизок и на ниво од 37,7%.

Лидер на листата е финтек компанијата OakNorthBank од Велика Британија, којашто има раст од 37.462,5%. Основана е во 2015 година со поддршка на Vision Fund на SoftBank, којшто е специјализиран за поддршка на средни бизниси.

Financial Times нотира дека само една од првите три компании е меѓу 268 на листата кои се појавија и во 2019 година. Вкупно 90 компании се појавуваат три последователни години на ранг листата на магазинот.

Листата е одраз на зголемената потреба од технологија, што како дејност доминира меѓу 189 компании, а кога на тоа ќе се додадат уште две категории – финтек и електронска трговија, тогаш бројката достигнува 259.

Најголем дел од брзорастечките компании се од Германија, а по нив следат од Италија, Велика Британија и Франција. Од овие четири земји доаѓаат скоро 70% од рангираните 1.000 најбрзорастечки во Европа. Анализирано по градови, Лондон ја задржува лидерската позиција, по што следат Париз и Милано, додека Варшава и Вилнус за првпат се наоѓаат меѓу топ 10.

Освен OakNorth Bank, првите 10 на листата се и:

Wolt Enterprisesод Финска, технолошка компанија со раст од 15.641,9%

Bolt Technology од Естонија, технолошка компанија со раст од 12.959,7%

Elements Global Services oд Шпанија, услужна компанија со раст од 10.233,3%

Les Eco Isolateurs од Франција, градежна компанија со раст од 10.077,5%

Gismart од Велика Британија, компанија за видео игри со раст од 8.788,3%

Enens од Франција, енергетска компанија со раст од 8.602,9%

Qred Foretagslan од Шведска, финтек компанија со раст од 7.300,9%

Mamma 2.0 од Италија, електронска трговија со раст од 7.100%

InTouch Networks oд Велика Британија, технолошка компанија со раст од 6.324,8%

Од земјите во регионот највисоко е позиционирана (112-та) Oradian од Хрватска, финтек компанија со раст од 1.166,9%.

Фото: Pexels