Финансиите им го контролираат животот на две третини од Македонците

78

Околу две третини или 64% од жителите на земјава сметаат дека финансиите им го контролираат животот, покажуваат податоците од Извештајот Финансиска писменост на возрасните во Југоисточна Европа.

Одговарајќи на ставот: Моите финансии го контролираат мојот живот, 64% од испитаниците од земјава дале потврден одговор, 11% сметаат дека финансиите ги немаат главниот збор во нивниот живот, додека 21% се неутрални.

Меѓу земјите што се опфатени во извештајот (Бугарија, Грузија, Молдавија, Романија, Македонија, Хрватска и Црна Гора), највисок процент има Црна Гора. Дури 78% од испитаниците во оваа земја сметаат дека финансиите им го контролираат животот, додека по 52% од испитаниците во Бугарија и Хрватска дале потврден одговор на ова прашање.

25% од Македонците живеат од денес за утре, покажуваат податоците. Па така, запрашани дали се согласуваат со ставот – “се трудам да живеам за денеска, а утре ќе си се погрижи само за себе“, 51% од испитаниците дале негативен одговор. Со овој став најмногу се согласуваат Грузијците (37%), а најмалку жителите на Молдавија (18%).

Во рамките на Регионалниот проект за техничка помош за финансиска едукација (2018-2022) од страна на ИНФЕ-ОЕЦД, согласно со програмата на Конституенцата на Министерството за финансии на Холандија, во втората половина на 2019 година во седум земји од регионот, вклучително и во нашата земја, се спроведе анкета за мерење на нивото на финансиската писменост на возрасното население. Резултатите од мерењето се вградени во Извештајот Финансиската писменост на возрасните во Југоисточна Европа.

Мерењето покажа дека возрасното население од Југоисточна Европа постигна околу 57% од можниот максимум, што е пониско од постигнатите резултати на земјите од ЕУ и ОЕЦД, добиени преку истата методологија од истражувањата, од 64% и 65%, соодветно. Врз основа на резултатите од спроведеното мерење ќе бидат дадени предлог-активности, политики и мерки за подобрување на финансиската писменост и политиката за заштита на корисниците на финансиски услуги во следниот период.

населението во Северна Македонија и во 2018 и во 2019 година оствари 56% од максимумот, или агрегатен показател 11,8 (од кои 3,9 за финансиските знаења, 5,1 за финансиското однесување и 2,8 за финансиските ставови).

Во споредба со структурата на показателот во 2018 година, има само мали поместувања (во 2018 година кај финансиските знаења е 4, за финансиското однесување е 5 и исто ниво од 2,8 е за финансиските ставови). Резултатите од првата, како и од втората анкета укажуваат на тоа дека е потребна поголема информираност и едукација на населението за употребата на различните современи банкарски и други финансиски производи и услуги.

Фото: Freepik